Енергетика

Ковачевски: Стабилно снабдување со струја и парно во услови на најголемата светска енергетска криза

06.04.2023 17:04

Во услови на енергетска криза АД ЕСМ во период од 1 октомври 2022 до 31 март 2023 година имаше вкупно домашно производство од 2.696.406 MWh, односно 222.131 MWh повеќе, за разлика од истиот период во 2017 година, кога немаше енергетска криза.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција, заедно со генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, ги презентираа податоците од Годишниот финансиски извештајот на ЕСМ за 2022 година, како и податоците за производството на струја.

Ковачевски во своето обраќање истакна дека во услови на најголемата светска енергетска криза и покрај безбројните шпекулации, лажни вести, неосновани црни сценарија Владата успеа за граѓаните да обезбеди сигурно, стабилно снабдување со струја и парно од почетокот до крајот на грејната сезона. 

„Се шпекулираше дека нема да имаме домашно производство, дека ќе има крах на целиот систем, дека ќе има рестрикции, дека ТЕЦ Неготино нема да проработи, во РЕК Битола дека нема да стигне трансформаторот. Напротив, нашите граѓани имаа сигурно и стабилно снабдување со струја и парно кое стартуваше во точно пропишаниот рок и во текот на цела грејна сезона. Го зголемивме домашно производство на електрична енергија. АД ЕСМ обезбеди 100% снабдување со електрична енергија, иако по закон требаше 60%. Паралелно го презедовме греењето со топлинска енергија во главниот град. Со многу напорна работа, посветеност и голем ангажман, можеме да кажеме дека успешно ја извршивме и ја вршиме нашата мисија во ова тешко време-сигурна електрична енергија и топлина за граѓаните, за институциите, за стопанството. Без ниту еден ден рестрикции“, истакна премиерот.

Во услови на енергетска криза АД ЕСМ во период од 1 октомври 2022 до 31 март 2023 година имаше вкупно домашно производство од 2.696.406 MWh, односно 222.131 MWh повеќе, за разлика од истиот период во 2017 година, кога немаше енергетска криза.

Премиерот истакна дека со правилни политики, паралелно се развиваше и зелената транзиција.

„Нашата земја веќе е регионален лидер во енергетската транзиција, со огромен потенцијал да стане зелен енергетски хаб. Континуирано расте интересот за инвестиции во обновливи извори. Расте, само од 1 јануари 2022 година до 28 февруари годинава, во земјава има нови фотонапонски централи со инсталиран вкупен капацитет од 181,2 мегавати од обновливи извори што можат да ги задоволат потребите на 72.500 домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија“, истакна премиерот.