Финансиска помош во земјоделството
Освен за производство, финансиската помош од Програмата за субвенционирање земјоделците и оваа година ќе може да ја користат и за други потреби. За плаќање на премии и осигурување, за анализи на почвата, за водење на матично книговодство во сточарството и за складирање на пченицата и на јачменот...

За помош во премии и осигурување годинава се обезбедени 10 милиони денари. Максималниот износ на финансиската поддршка е 150.000 денари по земјоделско стопанство. Парите се доделуваат за осигурувањата склучени од 1-ви август 2022 до 31-ви јули 2023 година.
Со еден милион денари ќе се субвенционираат и анализите на физичките и хемиските својства на почвата направени во оваа година и тоа во висина од 80 проценти од трошоците без ДДВ, но не повеќе од 12.000 денари по земјоделско стопанство.
За помош во секторот сточарство се наменети 12 милиони денари. Ќе се користат за административните трошоци за почнување и водење на матично книговодство и трошоци за испитувања на генетскиот квалитет или зголемување на стадата и бројот на животните. Финансиската поддршка ќе се дели со јавен конкурс на Министерството за земјоделство.
Средства во висина од 500.000 денари се наменети за финансиска поддршка за складирање на пченица и јачмен од домашно производство од родот од годинешнава реколта. Корисници повторно се земјоделските стопанства евидентирани во регистар, со пријавена површина со овие две култури, а жетвата ја имаат дадено на чување во силоси од 1-ви август до 1-ви септември ова лето за натамошна продажба, со исклучок на оние производители што ја складираат за сопствени потреби.
Методија Трајков
