Економија

Бектеши: Корекција на ограничените цени идната недела

07.04.2023 15:40

Во март споредбено со февруари, намалени трошоците на живот за 0,1 насто. Мерките даваат резултати, има намалување на инфлацијата, вели Бектеши. Идната недела мала корекција на ограничените цени. Нема да има поскап зеленчук и овошје од сто денари за килограм, убедува министерот за економија…

Нема да има поскапи зеленчук и овошје од сто денари за килограм – убедува министерот Бектеши, но сепак најави ограничените цени ќе се коригираат следниот вторник. Кај некои од производите, доматите и краставиците ќе има зголемување, согласно со процентуалното поскапување на увозот. Со ваков став излезе министерот Бектеши по состанокот со големите увозници.

Во однос на евентуалните двојни фактури за кои од економија велат дека имаат податоци што ќе ги достават до надлежните институции, Бектеши побара Царинската управа да постапи. Предупреди-затајување на данок над 10.000 евра е кривично дело.

„Ќе се прават контроли за тоа како е направен увозот за сите увозници за овошје и зеленчук за последните месеци. На терен е Финансиската полиција и Државниот пазарен инспекторат за да не се направи штета на буџетот и на граѓаните. Давале други фактури во Царина, а со други фактури купувале од регионот. Сакале да избегнат царински давачки, и Царина доби задачи да направи детални контроли за месеци наназад“, изјави министерот Бектеши.

Трошоците на живот и цените на мало во март се намалени за 0,1 процент во споредба со февруари, објави денеска Државниот завод за статистика. Најголем пад има кај лебот и житата за 4,7 насто, кај млекото за 4,6, а кај дел од преработките за 2,2 насто. И овошјето поевтинило за 1,2 насто. Во споредба со истиот период лани трошоците на живот поскапеле за 14,7.

Од економија коментираат, дека ова говори оти има намалување на инфлацијата во споредба со минатите месеци.

Александра Спировска