Се очекува одлука за корекција на замрзнатите цени кај зеленчукот и овошјето
Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека цените нема да бидат повисоки од 100 денари. Пазарните инспектори на терен, во магацините на дваесетина компании пронашле залихи...

Нова корекција на цените на овошјето и зеленчукот. Владата на седница ќе ги одмрзне ограничените цени, бидејќи поради лажните фактури имале нереална слика за тоа колку тие требало да поевтинаат.
Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека цените нема да бидат повисоки од 100 денари. Пазарните инспектори на терен, во магацините на дваесетина компании пронашле залихи.
„Ниту еден од производите кои беа наведени во одлуката за замрзнување на цените нема да има повисока цена од 100 денари за килограм. Ќе има мала корекција само во делот на доматите и краставиците зашто нема веќе увоз од Турција и од Грција каде што има поголемо производство на овие производи. Генерално, до крајот на месецов увоз се врши од Албанија и еден мал дел од Србија, заради тоа што во Албанија еден месец однапред излегуваат овие производи“, рече тогаш Бектеши.
Тој повтори дека нема да се толерираат маржи од 100 или 200 отсто. Ќе продолжат, напомена, и контролите за тоа како е реализиран увозот на овошје и зеленчук последните месеци.
Со одлука на Владата од 5-ти април се замрзнаа цените на 11 видови овошје и зеленчук. Според одлуката, килограм свежи домати може да чини максимум 70 денари, килограм краставици 75 денари, килограм кромид 60 денари, килограм карфиол 70 денари, килограм свежи зелени пиперки 90 денари, килограм грав 75 денари, килограм леќа 110 денари, килограм банани 70 денари, килограм портокали 55 денари, килограм мандарини 60 денари и килограм лимони 55 денари.
Претходно беа замрзнати и цените на тестенините и млечните производи кои се намалени за 15, односно за 10 проценти, како и цените на јајцата и оризот, додека цената на белиот и на полубелиот леб до 450 грама е замрзната на 33 денари.
