Економија

ММФ: Македонската економија годинава со раст од 1,4%, догодина 3,6%

12.04.2023 09:00

Македонската економија годинава ќе забележи раст од 1,4 отсто, а во наредната од 3,6 проценти, проценува Меѓународниот монетарен фонд во објавениот преглед за светската економија во 2023 година. Од земјите во регионот, највисок економски раст годинава ќе забележат Косово 3,5 и Црна Гора 3,2 отсто...

Македонската економија годинава ќе забележи раст од 1,4 отсто, а во наредната од 3,6 проценти, проценува Меѓународниот монетарен фонд во објавениот преглед за светската економија во 2023 година.

По двоцифрените стапки во 2022, годинава инфлацијата во земјава ќе забави и ќе изнесува 9,2 отсто.

Од земјите во регионот, највисок економски раст годинава ќе забележат Косово 3,5 и Црна Гора 3,2 отсто. БДП на Грција ќе се зголеми за 2,6 проценти, на Албанија за 2,2, на Србија и на Босна и Херцеговина за 2,0, на Хрватска 1,7 и на Бугарија за 1,4 отсто.

На глобално ниво ММФ годинава не очекува рецесија, туку раст од 2,8 отсто во однос на 2022. Фондот не очекува рецесија ниту во САД, прогнозирајќи раст од 1,6 отсто. Еврозоната ќе забележи раст од 0,8 проценти, но со пад на најголемата европска економија – германската од 0,1 отсто.

БДП на Кина годинава ќе се зголеми за 5,2 отсто, Индија ќе забележи раст по 5,9 отсто, а над пет проценти ќе „одат“ и Виетнам, Индонезија и Филипини.

Рецесија не се предвидува ниту во Јапонија (раст од 1,3 отсто), како ни во Русија, за која ММФ лани прогнозираше пад на економската активност од 2,1 отсто, а сега најавува раст од 0,7 отсто за 2023 година.

Како што се наведува во прогнозата на ММФ, глобалната инфлација ќе се намали, иако побавно од првично предвиденото, од 8,7 отсто минатата година на 7 проценти оваа година и на 4,9 во 2024-та.