Во 2022 година кон домашните е-трговци се слеале 394 милиони евра
Продолжува и растот во вкупно реализираните онлајн трансакции, па во 2022 година остварена е вредност од 550 милиони евра и раст од 25% во однос на 2021 година...

Вредноста на направените е-трансакции кон домашните е-трговци во 2022 година изнесува 394 милиони евра и е за 18% поголем од 2021-ва. Како што соопштуваат од Асоцијацијата за е-трговија, продолжува и растот во вкупно реализираните онлајн трансакции, па во 2022 година остварена е вредност од 550 милиони евра и раст од 25% во однос на 2021 година.
Податоците на НБРМ покажуваат дека вредноста на направените вкупни е-трансакции од правните лица во 2022 година растат со побрзо темпо, односно има пораст од 32,6% во однос на минатата година и со тоа во 2022 година учеството на правните лица во вкупните онлајн трансакции достигна 30%. Се зголемува и бројот на вкупните онлајн трансакции, но со помал интензитет на пораст односно 14,2% во однос на 2021 година и тоа кај правните лица за 18,2%, а кај физичките лица за 13%.
Расте и просечната вредност по трансакција. Во 2022 година изнесува 2.026 денари и е за 10,2% повисока во споредба со 2021 година.
Домашната понуда во е-трговијата продолжува да расте и понатаму. Бројот на новоотворени онлајн продавници бележи раст од 14% во 2022 година. Во текот на минатата година се отвориле 269 нови виртуелни продажни места, со што вкупниот број на е-продажни места заклучно со крајот на 2022 година изнесува 1.891.
