Ковачевски: Со таргетирани мерки го штитиме стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, денеска беа во посета на компанијата „Левидиагро ДООЕЛ“ од Кочани, специјализирана за откуп, преработка и пласман на ориз...

За време на посетата, на премиерот Ковачевски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Бачовски им беше презентиран процесот на работа на компанијата, која е извозно ориентирана. Компанијата „Левидиагро ДООЕЛ“ од Кочани се квалификува како корисник на владините мерки во рамките на Програмата за рурален развој за поддршка на откупувачите и преработувачите на бел ориз при трошоците за амбалажа и за откуп наменет за извоз.
Притоа, премиерот Ковачевски потенцираше дека се направени корекции на цените на зеленчукот и овошјето, чии цени беа замрзнати или намалени претходниот период, сè со цел да се најде баланс и во интерес на сите засегнати. Премиерот Ковачевски најави дека контролите на инспекциите во врска со цените и пласманот на прехранбените продукти ќе продолжат, а дека ќе се носат мерки за непречено снабдување на граѓаните. Премиерот Ковачевски се осврна и на мерките за поддршка на нашето производство на храна.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски изјави: „Поддршката за оризопроизводителите и оваа година ја исплативме навремено и неселективно. Во февруари се исплатија субвенциите за полјоделски култури, меѓу кои и оризот при што со поддршка се стекнаа 2.364 оризопроизводители. Дополнително, со вчерашната исплата за предадена оризова арпа во период од 16.12.2021 – 30.6.2022 година, се заокружи поддршката за реколта 2021, каде над 1.000 земјоделци кои предале оризова арпа, добија поддршка од над 90 милиони денари“.
Сопственикот и управител на „Левидиагро ДООЕЛ“ од Кочани, Јашар Ахмет Озкул се заблагодари за посетата на премиерот Ковачевски, истакнувајќи дека компанијата располага со најсовремена технологија.
Наша цел е да ја искористиме понудата од 8.000 тони што претходно ја потпишаа владите на Северна Македонија и Турција за увоз без царина на македонскиот ориз во Турција. Волонтираме да бидеме контактна точка меѓу Турција и Северна Македонија во сите сегменти во врска со оризот“, нагласи сопственикот Јашар Ахмет Озкул и додаде: „Оваа Влада направи неколку работи за да ги подобри придобивките на земјоделците и на оризопроизводителите. Давањето субвенции по килограм официјално продаден ориз на фабриките и субвенционирањето на пакувањето на извозениот ориз се дел од неодамнешните големи мерки што ги презема оваа Влада. Згора на тоа, оризопроизводителите годинава оризовата арпа ја продаваат по цени од 35-39 денари. Сигурен сум дека Министерството и другите релевантни институции ќе продолжат да прават повеќе за да продолжат да помагаат на оваа стара индустрија да расте“.
