Тетово

Нови цени на овошјето и зеленчукот, и граѓаните и пазарџиите се жалат

12.04.2023 14:28

На Тетовскиот зелен пазар ретко може да се забележи истакната цена на зеленчукот и овошјето. По замрзнувањето на цената и вчерашната корекција, пазарџиите велат дека се збунети од секојдневните нови информации и одлуки. Купувачите пак се жалат на екстремно високите цени...

Не се реални одлуките за замрзнување и корекција на цените на зеленчукот и овошјето, велат тетовските пазарџии. Цената на доматот, краставиците и гравот од 95, а на пиперот од 100 денари е смешна, ако се земе предвид дека увозните цени на овие производи се поскапи и за 30%.

Ние сме на најголем удар од инспекциите затоа и не сакаме јавно да зборуваме, велат пазарџиите. Но, ситуацијата е неиздржлива и затоа на пазарот се повеќе има празни тезги.

Купувачите пак се жалат на екстремно високите цени, едно се зборува во јавност, друга е ситуацијата на терен.

По новите одлуки за замрзнување на цената на овошјето и зеленчукот, на тетовскиот зелен пазар ретко може да се забележи истакната цена на производите.

Премиерот Димитар Ковачевски информираше дека се направени проверки кај 20 големи увозници. Контролите вели тој ќе продолжат, а државата ќе носи мерки кои ќе обезбедат непречено снабдување на граѓаните по соодветни цени и кои нема да го нарушат пазарот.

За време на кризата, сите мора да бидат солидарни, реагираме согласно потребата на пазарот, а земјоделците ја имаат нашата поддршка, дополни Ковачевски.

Зоран Димовски