Енергетика

Успешно завршена грејната сезона, вработените во РЕК Битола бараат повисоки плати

24.04.2023 14:45

Премиерот Ковачевски и министерот Бектеши при работната посета на РЕК Битола уште еднаш посочија дека владините мерки придонесоа за успешно завршување на грејната сезона, во најголемата енергетска криза по Втората светска војна. Искажаната благодарност до вработените искрено прифатена, но нивната порака беше дека и во овој сектор треба да се зголемат платите…

Во услови на светска енергетска беше вистински предизвик да се исполнат зацртаните енергетски планови. Сите вработени во РЕК Битола велеа-дајте ни делови и алати да си ја завршиме работата, вели Драган Фидански кој зад себе има три ипол децениски стаж. Овие луѓе можат и сакаат да работат, само со текот на времето мора да се обнови со нови кадри во термоелектраните и рудниците, а личните доходи да бидат соодветни на нивниот вложен труд, порача Фидански.

Кризата ја претворивме во можност, рестрикции немаше. Во месеците во рамките на грејната сезона имавме вкупно домашно производство од 2,7 милиони мегават часови или зголемување за 45 отсто, во однос на претходната грејна сезона. За последниве 15 месеци инсталиравме нови капацитети за 192 мегавати, истакнаа владините претставници.

Агенда од која не треба да се отстапи, рече од неодамна првиот човек на ЕСМ.

Инаку, на истакнати работници и одделенија кои за време на енергетската криза покажаа исклучителни резултати им беа доделени благодарници и плакети.

Стевче Митревски