Бизнисот бара одговорност за загубите во енергетската криза
Бизнисот обвинува за игнорантски однос на Владата кон нивните препораки за справување со енергетската криза, мора да има одговнорност, компаниите оставени сами на слободниот пазар да плаќаат енормно високи цени за струјата, велат од Стопанската комора. По судски пат ќе бараат надомест за штетите од неисполнетите ветувања, вели Азески. Премиерот Ковачевски со став, големите компании секогаш ја имаа поддршката, го зголемивме домашното производство, соработуваме со Коморите.

Ќе си дозволиме ли пак да погрешиме? – праша претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески. Бизнисмените направија есап за загубите на компаниите во енергетската криза. Се пожалија дека властите ги игнорирале нивните препораки, со што тие биле оштетени и најавија дека ќе бараат правна заштита. Порачаа дека мора да има одговорност за оние трговци кои во екот на енергетската криза ги оставија компаниите на цедило, да се снаоѓаат како знаат и умеат и на отворениот пазар да плаќаат енормно високи цени за мегават час.
Премиерот Ковачевски експресно одговори – стратегија ќе правиме во соработка со Комората, за отштета се надлежни други институции.
Стопанствениците рекоа и дека владините одлуки за субвенции, за јавни набавки и тендерите, го поттикнуваат клиентелизмот. Побараа даночно олеснување за стопанствениците.
Македонската енергетска асоцијација проценува дека со енергетската криза, загрозени се над 100.000 вработени. Оттаму порачаа дека државата мора да се прилагодува во зависност од економската логика.
И, додека властите велат дека во функција се ставени нови капацитети и е овозможена поголема искористеност на обновливите извори, Комората бара и навремено да се планираат набавките на енергенси за работа на домашните енергетски компании.
Марина Стојанова Тонева
