Коридори

Договорот со „Бехтел и Енка“ пред стопанствениците

25.04.2023 13:52

Владата го презентираше договорот за изградба на коридорите пред Стопанската комора. Склучениот договор со „Бехтел и Енка“ не е државна тајна, но има информации од доверлив карактер и нема пенали. Тоа не се ниту криминал, ниту корупција-тврди првиот вицепремиер и координатор на проектот, Груби. Државата ќе има корист од, како што вели, историскиот договор. Во него е стриктно наведено дека 51 насто мора да бидат домашни ресурси…

Договорот со „Бехтел и Енка“ не е државна тајна, туку содржи доверливи компоненти. Државата нема да плаќа пенали, а секој потрошен денар ќе биде објавен јавно. Вицепремиерот Артан Груби на средба со бизнисмените го претстави проектот.

250 милиони евра од Буџетот годишно ќе се инвестираат во изградбата на автопатиштата 8 и 10Д, со должина од 109 километри кои треба да бидат готови за 57 месеци. Груби тврди-нема корупција ниту криминал.

Министерот Бочварски соопшти дека изградбата ќе се одвива во фази.

Од Антикорупциска велат дека начин на носење на законот со кој е опфатена изградбата е причина за одговорност. Сè уште го чекаат договорот со американско-турскиот конзорциум.

Груби тврди дека ВМРО-ДПМНЕ иако имале забелешки за проектот, не ги доставиле, туку лидерот Мицкоски му рекол да го потпишат договорот па да одат на предвремени избори.

Анита Димитријевска Велковска