Светска банка со надолна корекција

Македонија со најниска стапка на раст, највисока инфлација и долг во регионот

25.04.2023 14:47

Надолна корекција на претходно проектираниот раст на БДП од 2,7 на 2,4 насто, стапка на инфлација од 9,1, зголемување на јавниот долг до речиси 90 насто. Ова се проекциите на Светска банка за македонската економија годинава. Лани беше достигнато историски највисокото просечно ниво на цени во економијата, а со поддршка на владините мерки се намали сиромаштијата. Но, ризиците и натаму постојат под притисок од надворешните влијанија…

Македонија има најниска стапка на економски раст, највисока инфлација и долг споредено со сите земји во регионот-нотира Светска банка. За годинава се очекува ревидиран надолен раст од 2,4 насто во однос на есенската прогноза од 2,7 и инфлација од 9,1 насто. Јавниот долг според светските банкари продолжува да расте, ќе достигне 41,5 процент, надворешниот е проектиран на 89,4 насто од БДП.

Лани беше достигнато историски највисокото просечно ниво на цените, но со поддршка на државните мерки сиромаштијата се намали. Од Светската банка велат дека е добро што немало енергетски рестрикции и не сме влезени во рецесија.

За да се подобри растот, а намали инфлацијата, политиките на владата да се фокусираат на проширување на даночната основа, да се насочат мерките кон сиромашните и да се координира монетарната со фискалната политика.

Од Светска банка нема конкретен одговор на прашањето за енормното зголемувањето на платите на функционерите. Сепак, велат дека треба да се исфилтрираат коефициентите и работата по учинок не само кај државните и јавни службеници, туку и кај именуваните функционери.

Сузана Фиданска Стоевска