Бектеши и Трајковски: Прекршочни налози за Кванташки пазар, следат и кривични пријави за затајување на данок
Издадени се прекршочни налози за Кванташки пазар, за увозници на овошје и зеленчук како и за субјекти во трговијата на мало, а ќе следат и кривични пријави за трговски субјекти за кои е утврдено затајување на плаќање на давачки кон државата...

Издадени се прекршочни налози за Кванташки пазар, за увозници на овошје и зеленчук како и за субјекти во трговијата на мало, а ќе следат и кривични пријави за трговски субјекти за кои е утврдено затајување на плаќање на давачки кон државата.
Ова денеска го соопштија на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши заедно со Директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски.
Министерот Бектеши кажа дека Државниот пазарен инспекторат во кординација со сите надлежни институции кои се во надлежност на Владата, почнувајќи од Државниот пазарен инспекторат, Финансиската полиција, Царинската управа, Управата за јавни приходи ќе продолжат со засилени акции на терен со цел да се почитуваат Одлуките на Владата за цените на основните прехранбени производи.
„Во текот на оваа недела ќе бидат доставени и кривични пријави за непочитување на одлуките на Владата. Нема да има никакви отстапки за никој што не ги почитуваат одлуките на Владата. Во текот на вчерашниот ден се одземени над 15 тони овошје и зеленчук и акциите ќе продолжат. Има прекршочни пријави и за управителите на Кванташки пазар, компанијата Анмарк ДООЕЛ, има казни за увозници на овошје и зеленчук за компаниите Астра фреш, Савари, Атлантик, Фрута-Фрукта, Стрима, Нехар фреш, Ема стил и други, а секако има и казни за трговците на мало како што се Веро, Стокомак, Кипер, Зендолино, Тинекс, Миса МКБ и нема да застанеме со акциите и контролите тука, ќе продолжат секојдневно“ кажа министерот Бектеши и најави дека Одлуката за замрзнати цени на основни прехранбени производи ќе е продолжи и во наредниот период.
Министерот потенцираше дека избегнување на давачки од над 10.000 евра е кривично дело и веќе се утврдени прекршоци во овој дел за што ќе следат кривични пријави.
Директорот на државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски изјави дека на Кванташки биле констатирани многу прекршоци. Затекнати се трговци кои не водат евиденција во трговија, рече тој, а одземените стоки се предадени до Агенцијата за управување со одземен имот.
Директорот Трајковски најави дека од денес сите инспектори кои констатирале прекршок ќе се појавуваат на судските рочишта, и тоа мора да биде пракса.
