Кривични за трговците кои не ги почитувале владините одлуки за цените, најави Бектеши
Издадени се прекршочни налози за Кванташки пазар, за увозници на овошје и зеленчук како и за субјекти во трговијата на мало. Бектеши, ги објави имињата на некои од поголемите маркети, кои ја прекршувале одлуката и продавале по повисоки цени од утврдените...

Министерот за економија Бектеши, најави кривични пријави за дел од трговците кои не ги почитувале владините одлуки за замрзнувањето на цените. Во текот на вчерашниот ден одземени се над 15 тони овошје и зеленчук од страна на надлежните институции, а акциите ќе продолжат и нема да има никакви отстапки вели Бектеши. Тој ги објави и имињата на некои од поголемите маркети во земјава, кои ја прекршувале одлуката и продавале по повисоки цени од утврдените. Појасни дека на овие трговци веќе им се изречени глоби, а дополнително за дел од нив, неделава, ќе бидат поднесени и кривични пријави.
На Кванташки биле констатирани многу прекршоци, истакна директорот на државниот пазарен инспекторат. Рече дека се затекнати трговци кои не водат евиденција за трговија. Стоките се донирани и се распределени каде што е најопходно. Апелираше до сите економски субјекти, да си ги остварат платните налози и најави дека од денес, сите инспектори кои констатирале прекршок ќе се појавуваат на судските рочишта.
Трајковски истакна дека целта е доследно почитување на законите, а апелираше и до граѓаните да ги пријавуваат прекршувањата на нивните потрошувачки права. Одлуката за цените ќе продолжи да важи и во наредниот период.
Ана Јосифоска Тодоровска
