ЗЕМЈОДЕЛСТВО

Дополнителни пари за произведена зимска зелка

28.04.2023 08:02

Производителите на зимска зелка на отворено ќе добијат дополнителна финансиска поддршка, најавуваат од Министерството за земјоделство. Средствата ќе бидат обезбедени преку интервентната програма што за прв пат беше воведена лани и е наменета за поддршка во земјоделското производство...

Интервентната е нова програма која е креирана како дополнителна поддршка на земјоделците, за да имаат помали трошоци, одржливо производство и стабилен пазар на основните земјоделско – прехранбени производи.

Целта е однапред да се обезбеди буџет за да се интервенира секаде каде што ќе има потреба.

Министерството за земјоделство веќе најави дека ваква помош ќе добијат производителите на зимска зелка на отворено и дека има изготвен предлог за тоа кои услови треба да бидат исполнети, начинот како да се аплицира и за одредување на најоптималните рокови за поднесување на барања, за да нема оштетени земјоделци.

Се работи за одгледување на расадена зимска зелка на површина од околу 500 хектари, од Валандовско-гевгелискиот регион. Министерството планира за остварениот род, од буџетот на Интервентната програма да се издвојат 500.000 евра, сума со која се опфатени сите производители.

Крајниот рок за поднесување на барањата и сите детали за креирањето на мерката ќе се утврдат дополнително. Лани од овој фонд беше интервенирано за вештачките ѓубрива, сточарството и за есенската сеидба.

 

Методија Трајков