Речиси 12 илјади работници останале без плата во март, велат од УЈП
Станува збор за субјекти во сите сектори. По извршените контроли на близу 70.000 фирми даночниците утврдиле дека минатиот месец и над 5.700 работодавци не поднеле М-ПИН пријава за месечен приход...

Речиси 12 илјади работници останале без плата во март, а голем дел од нивните газди не исплатиле ниту за февруари, велат од Управата за јавни приходи. Станува збор за субјекти во сите сектори. По извршените контроли на близу 70.000 фирми даночниците утврдиле дека минатиот месец и над 5.700 работодавци не поднеле М-ПИН пријава за месечен приход.
„Во месец март регистрирани се 69.156 работодавци со 55.5161 вработени. Од нив 56.073 исплатиле плата, а 5.716 работодавци за 11.612 вработени не испратиле плата за третиот месец од годината“, брифираше Лукаревска.
Рокот за поднесување на пријавите за плати е 26-ти април, а тие кои не исплатиле ќе се соочат прво со опомена, а потоа со блокирање на сметките на фирмата.
Од УЈП не обелоденуваат детали за акцијата на Кванташки пазар. Лукаревска рече дека во моментов се врши контрола на даночните обврзници, и се чекаат извештаи од Царина за контрола на увозниот ДДВ.
Даночните инспектори спровеле акција и на пластичарската улица во Скопје, каде е утврдено дека од 30 посетени даночни обврзници, кај 28 има неправилности.
Марина Стојанова-Тонева
