Енергетика

Субвенции за приклучоци на гас

29.04.2023 10:19

Министерството за економија објави оглас за субвенции за приклучок на гас. Поволноста ќе можат да ја користат кумановци и струмичани. Секое заинтересирано домаќинство кое ќе одлучи да се гасифицира ќе добие до 25.000 денари. Во Куманово и општината неколку години доделува средства за приклучок на овој енергенс...

Кумановци и струмичани можат да аплицираат за субвенции за приклучок на природен гас. Министерството за економија го објави повикот кој трае до крајот на октомври. Субвенцијата е до 25.000 денари, односно 70 проценти од трошоците за изработка на проектна документација, приклучок, инсталација на гасни котли.

„Се работи за субвенција во вредност од 10 милиони денари, ако ги поделиме на 25.000 денари тоа се околу 400 приклучоци, кои треба да ги поделиме Куманово Гас и Струмица Гас, бидејќи во Македонија само овие два градови имаат јавни претпријатија за дистрибуција на природен гас“, изјави Марко Митровски, в.д директор на ЈП „Куманово гас“.

Општина Куманово веќе неколку години доделува субвенции за секој нов приклучок од 15.000 денари. Целта е да се поттикне користењето на овој енергенс.

„Гасот бележи пад во последниве неколку месеци, оваа грејна сезона заврши, да се надеваме дека од новата сезона од 15-ти октомври дека цената ќе се стабилизира и ќе се врати на некое ниво што беше пред година-две од 30-ина денари“, дополни Митровски.

Во Куманово во централното подрачје се гасифицирани поголем дел од институциите, градинките, училиштата. Приклучени се 97 приватни и 33 правни лица, како и неколку станбени единици. Целта оваа година е мрежата да се прошири и до интернатот.

Елена Георгиевска