Енергетика

Струмички Комуналец ќе се задолжи со 2,1 милион евра за изградба на фотоволтаици

01.05.2023 15:22

Општина Струмица донесе одлука Јавното претпријатие Комуналец да се задолжи за 2,1 милион евра за поставување фотонапонски централи на два објекти. Според градоначалникот со изградбата на овие фотоволтаици, општината ќе биде независна од берзата. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ гласаше против, бидејќи според нив, произведената струја Комуналец не може да ја продава на отворен пазар…

Струмички Комуналец ќе се задолжи кај домашна банка за 2,1 милион евра за изградба на фотонапонски централи, откако Советот донесе одлука за издавање гаранција за задолжувањето. Фотоволтаици се планира да бидат инсталирани на зградата на Комуналец, но и на пречистителната станица. Со ова, како што кажа градоначалникот Костадинов, Струмица ќе биде независна општина од берзата.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ не гласаше за задолжување. Според нив фотоволтаици треба да се постават на училишта и градинки, бидејќи како што кажа советникот Маџунков, струмички Комуналец произведената струја нема да може да ја продава.

Општина Струмица со јавните институции за 10 месеци на име електрична енергија има исплатено 140 милиони денари. Кредитот Комуналец треба да ги плати во рок од 10 години со грејс период од една година.

Ване Трајков