Туризам

Охрид полн со туристи за продолжениот празничен викенд

01.05.2023 11:39

За прв пат по 2019-та година Охрид за први мај се исполни со туристи како пред пандемијата. Повеќе илјади гости од земјава и соседството ги исполнија хотелските и другите сместувачки капацитети, кои покрај во убавините на градот, културно-историските споменици уживаа во угостителските објекти на брегот или во бродските тури низ езерото. Хотелиерите велат дека посетеноста за Велигден и први мај ветува успешна летна туристичка сезона…

Охрид е полн со туристи за продолжениот првомајски викенд. Хотелските капацитети во просек се искористени помеѓу 70 и 80 проценти, а дел се целосно исполнети. Чаршијата, стариот дел на градот, градскиот кеј, кафетериите и рестораните деновиве се преполни со гости, со што ја надополнуваат сликата која му доликува на најголемиот македонски туристички центар.

„Исполнетоста на капацитетот за првомајските празници во нашиот хотел е стопроцентна. Уште пред 3-4 дена пред викендот затворена беше продажбата и верувам дека и целиот град е целосно исполнет, бидејќи навистина за првомајските празници имаше голем интерес“, вели Тошо Чочороски- менаџер на хотел.

Доминираат гостите од земјава и регионот, но присутни се посетители и од други земји во рамките на балканските кружни тури, а од 15-ти мај со чартер летови ќе започнат да доаѓаат и западноевропските туристи.

„Охрид е прекрасно место, културно и туристичко и има толку многу нешта да му пружи на секој турист. И на оние коишто доаѓаат прв пат и на оние коишто доаѓаат повеќе пати. Не доаѓам сосема случајно, туку поради тоа што овде има услуги коишто се на високо ниво“, вели туристка од Србија.

„Се надевам дека наскоро со тоа што сме дел од отворен Балкан нема да има граници. Видовме дека на границата камионите не запираа, а и автобусите брзо поминуваа. Ни кажаа дека за 1 Мај околу 60 автобуси од Србија дојдоа во Охрид. Впечатокот го нарушува само тоа што патот Скопје-Охрид долго се гради и околу него има депонии, што не е убаво да се видат“, додава турист од Србија.

Добрата исполнетост на хотелите и другите капацитети за празниците ветува успешна летна туристичка сезона, велат хотелиерите. Меѓутоа укажуваат дека нашите очекувања треба да се проектираат на многу повисоко ниво со добро осмислена стратегија и нови содржини. Само на тој начин ќе се продолжи туристичката сезона која сега трае само шест месеци.

Сашо Нелоски