ЗЕМЈОДЕЛСТВО

Неповратни 97 милиони евра преку ИПАРД 3 програмата

02.05.2023 14:41

Почна информативната кампања за искористување на средствата од ИПАРД 3 програмата. Заинтересираните земјоделци и фирми можат да се информираат за подготвувањето на проектите и за потребната документација. Вкупните инвестиции во македонското земјоделство со ИПАРД 3 програмата изнесуваат 210 милиони евра …

Неповратни 97 милиони евра ќе имаат можност да ги искористат земјоделците преку ИПАРД 3 програмата доделени од ЕУ, најави министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Потенцирајќи дека нашата земја споредено со останатите во регионот најмногу ги користи овие средства, дури 98% со склучени 2.369 договори во ИПАРД 2.

Во текот на мај и јуни ќе биде спроведена интензивна теренска информативна кампања во сите региони. Првиот повик од ИПАРД 3 програмата треба да се објави кон крајот на јуни.

Според вицепремиерот Маричиќ, ова е нова можност за отворање на европските пазари и зголемување на извозот.

Со средствата од ИПАРД 3 програмата се очекува да се модернизираат земјоделските машини, што е неопходно за развој на земјоделство, вели претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска.

Мојсовска додава дека средства има за земјоделците, но поради ниските откупни цени се помал е интересот кај младите да се занимаваат со оваа дејност и има недостиг на работна сила.

 

Александра Велинова