Исплатени субвенции за тутунот
Тутунарите ги добија парите и од државата и од монополите. Просечната цена е 290 денари за килограм, а 26 милиони евра субвенции за произведен и предаден тутун од реколтата 2022 година се исплатени на сметките на 15.700 производители на тутун …

Вкупните субвенции од 26 милиони евра за произведен и предаден тутун од реколтата за 2022 година се легнати на сметките на 15.700 производители на тутун. Тутунарите добија највисока просечна откупна цена од скоро 290 денари за килограм, што претставува зголемување за повеќе од 44 проценти во однос на ланската сезона.
Родот го преземаа 10 регистрирани претпријатија на 200 пунктови со 223 ваги и 216 мостри. Прогнозите на Земјоделскиот инспекторат се остварија и откупот беше целосно реализиран пред истекот на законски предвидениот рок согласно Законот за тутун, или до последниот ден на месец февруари.
Монополите исплатија скоро 6 милијарди денари, а тоа донесе и поголеми субвенции кои се плаќаат според откупените класи. Склучени беа вкупно 29.429 договори за производство што претставува зголемување од 8 проценти, а засадените површините се за 11 насто повеќе во споредба со минатогодишната реколта.
Тутунот е еден од најзначајните извезувани земјоделски производи кај нас. Учествува со 18 проценти во домашниот извоз со скоро 140 милиони евра девизен прилив, а со ова дејност се занимаваат над 20 илјади семејства.
Методија Трајков
