Цените се намалуваат, позитивниот тренд се очекува да продолжи
Стапката на инфлација во април изнесува 13 проценти, измени Државниот завод за статистика. Според власта, ова е показател дека мерките имаат ефект врз ублажувањето на кризата, па цените на прехранбените производи веќе се намалуваат. Од Министерството за економија очекуваат позитивниот тренд да продолжи…

„Треба да бидеме горди на фактот што Македонија во регионот е најевтина земја во делот на цените на прехранбени производи и нафтени деривати“, истакна министерот за економија Крешник Бектеши. На прес-конференцијата изрази задоволство што инфлацијата во април се намалила на 13%, податок од Државниот завод за статистика. Според него, тоа е поради владините мерки кои дале ефект.
„За само еден месец, од март до април, се намалиле трошоците за живот за храна и безалкохолни пијалаци за 5,2%. Горди сме, можеме да кажеме дека Македонија е најевтина земја во делот на прехранбени производи и нафтени деривати“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.
Бектеши се заблагодари на малиот број инспектори кои, како што рече, и во време на пандемија успешно ги завршувале контролите. Тој вети дека ќе се продолжи со исто темпо и упати апел до нерегистрираните трговци.
„Ги повикувам и граѓаните да пријават доколку сметаат дека има нерегуларности во овој дел. Нерегистрираните пазарџии ќе бидат 100% контролирани почнувајќи од Струмица па се до Струга“, нагласи Бектеши.
Иако Министерството за економија нема надлежност над транспортерите, Бектеши ги повика сите надлежни институции да влијаат на цената за транспорт, бидејќи, како што рече тој, цените на сите нафтени деривати се намалија.
Катерина Топалова
