Расад на тутун
Почна садењето на тутунот на нивите
10.05.2023 08:55
Тутунарите го садат тутунот на нивите. Годинава решија да ги зголемат површините по добрата просечната откупна цена од 290 денари за килограм од ланската реколта. Mонополите исплатија скоро 6 милијарди денари што донесе и поголеми субвенции кои се плаќаат според откупените класи...

Почнува садењето на тутунот на нивите. Засега тутуновиот расад е добар и се очекува временските услови да погодуваат за навреме да се засадат планираните површини. Монополите со производителите договориле производство од околу 26.400 тони, што е за 400 тони повеќе од лани. Зголемувањето според земјоделците е поради тоа што со минатогодишната реколта тутунарите добро поминаа, родот беше квалитетен, брзо се откупи и се постигна просечна откупна цена од 290 денари за килограм.
Сепак тутунарите и годинава ќе бараат зголемување на цената на тутунот зашто трошоците за производство се поголеми.
Целосната субвенција од 26 милиони евра за произведен и предаден тутун од реколтата 2022 година е исплатени на сметките до 15.700 производители на тутун. Монополите исплатија скоро 6 милијарди денари, а тоа донесе и поголеми субвенции кои се плаќаат според откупените класи.
Тутунот е еден од најзначајните извезувани земјоделски производи кај нас. Учествува со 18 проценти во домашниот извоз со скоро 140 милиони евра девизен прилив и вработува над 20 илјади семејства.
Методија Трајков
