Енергетика

Почна со работа Македонската берза на електрична енергија

10.05.2023 14:14

Почна со работа македонската берза на елекетрична енергија. Со неа ќе управува Националниот оператор МЕМО. На првиот ден тргуваа 20 компании. Властите велат добиваме конкурентен пазар на којшто транспарентно ќе се тргува и ќе се добие референтна цена...

Македонската берза на електрична енергија стартува со работа. Првиот ден од тргувањето формираше референтна цена од просечни 115 евра, за три евра помалку од интернационалната референтна берза. 22 компании досега склучиле договори, а 20 од нив ќе имаат можност да тргуваат. Ја раководи Националниот оператор МЕМО.

„Тргувањето заврши безбедно, без никаков проблем. Истргувани се околу 500 мегаватчасови, по 20 мегават-часови во просек по поединечно тргување, додека просечната цена што е постигната на крајот од тргувањето е 7.125 денари. Денеска тргуваа 20 компании, а склучени договори со МЕМО за користење на платгормата имаат 22. Ќе имаме понатаму пореална цена и стабилизирање на пазарот“, изјави Симон Шутиновски, директор на МЕМО.

Берзата ќе ја намали зависноста од набавка на струја од странските пазари. На неа ќе можат да тргуваат сите учесници на пазарот на големо на електрична енергија, кои се официјално регистрирани. Пазарот станува динамичен и понатаму ќе се поврзе со конкурентските пазари од регионот.

Проектот е работен над пет години, а официјално заживеа по измените на Законот за енергетика во 2018 година, со што формално беше либерализиран и пазарот на електрична енергија, а законодавството во оваа сфера беше прилагодено на европското.

 

Катерина Топалова