Енергетика

Битиќи: Северна Македонија доби сопствена берза која ќе овозможи транспарентно тргување со електрична енергија

10.05.2023 17:40

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на настанот организиран од Националниот оператор на пазар на електрична енергија-МЕМО, по повод почеток со работа на македонскиот организиран пазар на електрична енергија, пазар ден-однапред...

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на настанот организиран од Националниот оператор на пазар на електрична енергија-МЕМО, по повод почеток со работа на македонскиот организиран пазар на електрична енергија, пазар ден-однапред.

Во неговото обраќање, вицепремиерот Битиќи рече дека почетокот со работа на македонскиот организиран пазар на електрична енергија е историски момент за нашата земја, за нашата енергетика и за нашата економија бидејќи со ова, нашата земја се придружува на еден високо конкурентен и динамичен европски пазар на електрична енергија, кој понатаму ќе ни овозможи поврзување на домашниот пазар на електрична енергија со пазарите од соседството и исполнување на нашите енергетски потреби на најефикасен начин.

„Берзата на електрична енергија ќе овозможи конкурентен пазар на кој транспарентно, недискриминаторски и ефикасно ќе се тргува со електричната енергија односно размена на понудата и побарувачката на електрична енергија во земјата. Со активно купување и продавање на електричната енергија на пазарот ден однапред конечно ќе се добие референтна цена на електричната енергија на пазарот на големо во Северна Македонија. Оваа берза, со која ќе раководи Националниот оператор на пазарот на електрична енергија МЕМО, ќе овозможи поголема транспарентност, конкурентност и ефикасност при тргувањето со електрична енергија на пазарот на големо. Исто така, сите наши компании и нашите инвеститори добиваат можност за транспарентно и недискриминирачко тргување со електрична енергија“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи изјави дека македонската берза на електрична енергија, не е важна само за нашата земја, туку и за целиот регион, бидејќи затвора еден голем циклус на либерализацијата на пазарот на електрична енергија, согласно ПАН Европскиот модел на пазари на електрична енергија.