Странски инвестиции

Канадска „Магна Интернационал“ по Струга, со нова инвестиција во Штип

11.05.2023 13:37

„Магна Интернационал“ е една од најреномираните светски компании, која е специјализирана да дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на сите позначајни производители на автомобили во светот...

Во технолошко- индустриската развојна зона Штип означен почетокот на градежните работи на нова фабрика, инвестиција на „Магна Мехатроникс“, која произведува интегрирани системи од механички и електронски компоненти и е една од групациите на канадската компанија „Магна Интернационал“.

„Технолошко-индустриските развојни зони се моторот на нашата економија, а компаниите како „Магна Мехатроникс“ се компании коишто го зголемуваат не само бројот на работни места во државата, не само БДП, туку и меѓународното реноме на нашата држава“, рече премиерот Ковачевски, во своето обраќање пред присутните на настанот.

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски нагласи дека е задоволство по една година преговори да се присуствува на камен темелник за новата фабрика на „Магна Мехатроникс“.

„Со оваа инвестиција обезбедуваме право на пристоен живот за најмалку б00 наши сограѓани од овој регион со плати 20% над државниот просек. Ова е пример и вистински модел на соработка на одговорни политичари и институции преку кои покажуваме дека може да испорачаме конкретни резултати за граѓаните“, изјави директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, изразувајќи благодарност и до тимот на ТИРЗ и до градоначалникот на Штип, Иван Јорданов за поддршката на проектот.

„Нашата втора постројка во Северна Македонија претставува уште една одредница на нашето патување кон проширување на нашата работа и способности во регионот, како и поддршка на нашите клиенти со иновативни производи од светска класа. Благодарни сме за поддршката што ни ја дава Владата и остануваме посветени на истражување дополнителни можности за раст“, рече потпретседателот на компанијата „Магна Интернационал“, Дејвид Креспи во своето обраќање на настанот.

„Магна Интернационал“ е една од најреномираните светски компании, која е специјализирана да дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на сите позначајни производители на автомобили во светот. Се работи за проширување на опсегот на работа на компанијата со нов инвестициски проект, покрај фабриката на компанијата во ТИРЗ Струга.