Енергетика

ЕСМ склучи договор со МЕМО и ќе тргува со електричната енергија на берзата

11.05.2023 14:01

Со отпочнувањето со работа на берзата ќе се поттикне ефикасна конкуренција во производството, трговијата и снабдувањето со електрична енергија, и ќе се обезбеди оптимална употреба на инфраструктурата за пренос на електрична енергија.

Македонската берза на електрична енергија официјално стартуваше со работа и АД ЕСМ склучи договор со МЕМО и ќе има можност да тргува со електрична енергија, соопштуваат од компанијата.

Со домашната берза раководи Националниот оператор на пазарот за електрична енергија, МЕМО. Проектот е работен над пет години, а официјално заживеа по измените на Законот за енергетика во 2018 година, со што формално беше либерализиран и пазарот на електрична енергија, а законодавството во оваа сфера беше прилагодено на европското.

Со отпочнувањето со работа на берзата ќе се поттикне ефикасна конкуренција во производството, трговијата и снабдувањето со електрична енергија, и ќе се обезбеди оптимална употреба на инфраструктурата за пренос на електрична енергија.

Берзата на електрична енергија ќе поттикне зголемени инвестиции во производствени капацитети на електрична енергија од обновливи извори, со тоа што инвеститорите ќе имаат организиран пазар, каде ќе можат да ја продаваат произведената енергија, додека на трговците и снабдувачите на електрична енергија, ќе им се овозможи да ги оптимизираат своите портфолија и да го планираат своето работење- велат од компанијата.