Бесими најави граѓанска обврзница, јавниот сектор ќе ја чека 2024-та за да добие покачување
Платите во јавниот сектор треба да растат само ако расте продуктивноста-вели министерот Бесими. За усогласување и зголемување, јавниот сектор ќе ја чека следната година за да нема импликации на инфлацијата. За повисоките плати на 1.060 функционери од буџетот се трошат дополнителни 960 милиони денари-информира Финансии…

Наместо во банка од јуни граѓаните ќе може заштедите да ги вложуваат во граѓанска обврзница. Минималната вредност по којашто може да ја купуваат ќе биде 10.000 денари со неа во рок од две години ќе може да се тргува на берза да се вложува во инвестициски проекти за да се повратат финансиите. Каматата сè уште не е дефинирана, вели министерот Бесими, но уверува дека ќе биде повисока, ќе се движи меѓу банкарската, којашто во март на годишно ниво се позиционира на 1,5 насто и онаа на последната еврообврзница издадена од државата со стапка од 6,95 проценти.
„Граѓаните ќе добијат можност дел од својата заштеда да инвестираат во граѓански обврзници. Ќе добијат повисока камата отколку во банка, а доколку им требаат пари може да ги продадат обврзниците на секундарниот пазар, односно на Берзата. Истовремено, преку вложување во граѓански обврзници граѓаните го финансираат развојот на земјата“, рече Бесими.
Нема да има закана по депозитите во банките, тврди Бесими ако штедачите вадат пари за обврзница. Очекува, вели и дијаспората да ги купува наместо да вложува заштеди во станови што им стојат празни. Пресметале, државата на годишно ниво на овој начин од граѓаните ќе инкасира дополнителни 50 милиони евра. А од неа во 2023-та ќе се одлеат над 15,5 милиони за раст на платите на 1.060 функционери во државава. За април министерот за финансии со зголемувањето од 78 проценти објави дека добил месечен приход од 125.960 денари. Но, вели јавниот сектор ќе ја чека 2024-та за да добие покачување.
„Платите во јавниот сектор треба да растат, ако расте продуктивноста и ако се зголемат платите во реалниот сектор. Сега не е најповолно време за усогласување и зголемување, бидејќи ќе има импликации на инфлацијата и најдобро е да се имплементира од 2024-та година“, ова е ставот на Бесими на брифингот со новинарите.
Сузана Фиданска-Стоевска
