ЕК: Растот на македонската економија годинава 2%
Во пролетната економска прогноза на ЕК, во делот за Северна Македонија, се вели дека по делумното закрепнување од рецесијата предизвикана од пандемијата од Ковид-19, годишниот раст на БДП забави од 3,9 проценти во 2021 година на 2,1 процент во 2022 година.

Европската комисија предвидува дека македонската економија годинава ќе забележи раст од два отсто, а во 2024 од 3,1 процент.
Во пролетната економска прогноза на ЕК, во делот за Северна Македонија, се вели дека по делумното закрепнување од рецесијата предизвикана од пандемијата од Ковид-19, годишниот раст на БДП забави од 3,9 проценти во 2021 година на 2,1 процент во 2022 година. На економијата на земјата влијаеја намалената надворешната побарувачка, прекините во глобалните синџири на снабдување и растот на глобалните цени на храната и енергијата.
Домашната потрошувачка, иако помала отколку во 2022 година, останува клучниот двигател на растот, се вели во извештајот. Се предвидува растот на инвестициите да остане стабилен со дополнително зголемување на постојните.
Негативните надворешни влијанија се очекува да се намалат, согласно со зголемената странска побарувачка и понискиот раст на увозот, наведува ЕК.
Економскиот раст треба да се засили во 2024 година, пред се воден од домашната побарувачка. Се предвидува и постепено намалување на фискалниот дефицит.
