Финансии

Бесими: Платите на вработените во јавниот сектор ќе растат системски, преку утврдена методологија за динамика на раст

15.05.2023 17:01

Платите на вработените во јавниот сектор ќе се дефинираат преку Законот за плати со кој ќе се утврдат правилата по кои во иднина ќе се уредуваат платите во јавните институции и Општиот колективен договор кој ќе ја содржи методологијата за системско решавање на динамиката на раст на платите на вработените во јавниот сектор...

Платите на вработените во јавниот сектор ќе се дефинираат преку Законот за плати со кој ќе се утврдат правилата по кои во иднина ќе се уредуваат платите во јавните институции и Општиот колективен договор кој ќе ја содржи методологијата за системско решавање на динамиката на раст на платите на вработените во јавниот сектор.

Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими денеска на средба со новинарите на која потенцира дека донесувањето на Законот за плати е подолготраен процес, но дека процес кој е на повидок за да се заокружи е донесувањето на Општиот колективен договор кој ја содржи методологијата за раст на платите на вработените во јавниот сектор.

„Општиот колективен договор е прашање за кое се разговара во рамки на Економско-социјалниот совет. Минатата недела имавме состанок и оптимист сум во однос на изнаоѓање решение. Имаше два предлога, основицата да биде минималната плата или просечната плата. И двата се прифатливи за нас. Тоа е голема реформа, која не се одвива во една година и треба да има транзициски период“, истакна министерот Бесими.

Министерот потенцира дека кое и да се прифати решението треба да биде одржливо, да обезбеди достојни и пристојни плати за вработените и да се штити животниот стандард и инфлаторните движења. Како што се воспостави системи со минималната плата и пензиите, така и кај платите на вработените во јавниот сектор ќе се воспостави систем во кој растот на платите ќе ги земе предвид трошоците на живот и перформансот на економијата, односно просечната плата.

„Во изминатите години има раст на платите во повеќе сектори во јавниот сектор и со системското решение ќе продолжи тој раст на платите“, рече министерот за финансии кој додаде дека решението за раст на платите треба да се применува од наредната година, бидејќи сите реформи што се спроведуваат треба да бидат предвидени во среднорочната рамка.