2,1% раст и стабилизирање на инфлацијата во 2023-та година, прогнозира Народната банка
Народна банка очекува и стабилизација на цените, подобра глобална економија и закрепнување на најзначајните трговски партнери. Тоа, вели Бежоска, би придонело за натамошно стеснување на дефицитот кај тековните трансакции...

Народна банка проектира раст на македонската економија од 2,1 процент, стабилизирање на инфлацијата која ќе се движи меѓу 8 и 9 насто, што е резултат на претпоставките за намалување на цените на енергенсите и ублажување на ценовните притисоци и кај храната. Според гувернерката Бежоска, од глобалните случувања зависи, дали овие проекциите ќе бидат остварливи.
Народна банка очекува и стабилизација на цените, подобра глобална економија и закрепнување на најзначајните трговски партнери. Тоа, вели Бежоска, би придонело за натамошно стеснување на дефицитот кај тековните трансакции на 3,2% од БДП во 2024-та година и 2,7% од БДП во 2025-та година. Финансиските нето-приливи пак, во наредните две години во целост би го финансирале дефицитот на тековната сметка и ќе овозможат дополнителен раст на девизните резерви. Кај странските инвестиции се предвидува раст од 3,7 проценти.
Со слична прогноза за македонската економија излезе и ЕБОР. Европската банка прогнозира раст на БДП од два насто, додека во цел Западен Балкан тој ќе биде 2,2 проценти. Пооптимистички прогнози за в година. Според ЕБОР, македонската економија ќе има раст од 3 проценти. Во извештајот дополнително е наведено дека на економските перспективи на Западен Балкан ќе влијаат и инфлаторните притисоци и послабите изгледи на напредните економии во Европа.
Викторија Милевска
