Николоски на Годишното собрание на ЕБОР
Економскиот раст не е краткорочен процес, туку е збир на повеќе чекори кои ќе дадат одржливи резултати. Затоа како Влада континуирано спроведуваме структурни реформи и политики, насочени кон одржување на растот во време на кризи, но и на негово забрзување на среден и долг рок. Односно, преземаме активности што чекор по чекор ќе придонесат за одржлив економски раст и подобрување на животниот стандард за сите граѓани...

Економскиот раст не е краткорочен процес, туку е збир на повеќе чекори кои ќе дадат одржливи резултати. Затоа како Влада континуирано спроведуваме структурни реформи и политики, насочени кон одржување на растот во време на кризи, но и на негово забрзување на среден и долг рок. Односно, преземаме активности што чекор по чекор ќе придонесат за одржлив економски раст и подобрување на животниот стандард за сите граѓани. Ова го порача заменик-министерот за финансии, Филип Николоски во своето обраќање на Годишното собрание на Европската банка за обнова и развој – ЕБОР, што се одржува во Самарканд, Узбекистан.
Тој додаде дека во овој момент на глобалната економија и требаат здрави домашни политики во комбинација со цврста посветеност на меѓународната соработка за да се создаде поотпорна глобална економија со одржлив и поинклузивен раст. При тоа ја истакна важноста од продолжување на поддршката што ЕБОР ја дава на најпогодените земји, во период кога во глобални рамки се соочуваме со предизвици кои произлегоа од пандемијата со Ковид-19, енергетската и ценовната криза, како и конфликтот во Украина, како и постепеното проширување во регионот на субсахарските земји.
Годишните средби и Бизнис форумот на ЕБОР годинава се одржуваат од 16 до 18 мај и се со фокус како да им се помогне на економиите да одговорат на тековните геополитички предизвици. Општата тема на Бизнис форумот е Инвестирањето во издржливост (Investing in Resilience), а учествуваат владини претставници, финансиски и корпоративни директори, претприемачи, претставници од граѓанското општество и меѓународните организации. Во рамки на Годишните средби заменик министерот ќе оствари и средба со Каспар Велдкамп, директор на ЕБОР за Холандија, Кина, Монголија, Северна Македонија и Ерменија.
