Финансии

Системско решение за платите во јавниот сектор

18.05.2023 14:09

Министерот за финансии Бесими тврди дека не изјавил оти зголемување на платите во администрацијата за годинава нема да има. Вели дека се бара системско решение за платите и заедно со синдикатите изготвување нова методологија за примањата во јавниот сектор...

Платите во Јавната администрација ќе се зголемат, се бара системско решение и заедно со синдикатите ќе се изготви нова методологија, вели министерот за финансии, Бесими. Тврди дека никогаш не изјави дека платите ќе бидат замрзнати до идната година. Според Бесими, време е за фер решение за сите вработени, а не парцијални преговори на секои шест месеци кои делумно ги решаваат работите, а создаваат поголеми проблеми.

„Да има достоинствено решение, решение што ќе биде доволно мотивирачки за јавниот сектор, затоа што тие треба да ги сервисираат граѓаните и стопанството. Треба да имаме квалитетен кадар во јавниот сектор што ќе ги обезбеди сите тие услуги од јавен интерес. Исто така, во тој дел треба решението да биде еднакво, решението да важи за сите и да биде одржливо, за да може да се вклопи во буџетот, со оглед на тоа дека станува збор за значителна реформа“, изјави Фатмир Бесими – министер за финансии.

Новото решение освен што треба да понуди достоинствени плати, Бесими смета дека ќе спречи одлив на квалитетен кадар. Поради напуштање на 170 работните места за четири години, во Mинистерството за финансии, платите интервентно беа зголемени за 30 насто, сметано од 1 јануари годинава.

 

Андријана Ѓурческа