Педесетина жени ќе добијат можност да се обучуваат за органско пчеларство
Педесетина жени и млади од вардарскиот и североисточниот регион, во наредните три години ќе имаат можност да се обучуваат за органското производство. Тие ќе ја добијат и неопходната опрема. Анализите покажеле дека земјава има поволни услови за развој на оваа дејност, но сè уште не сме на задоволително ниво...

Земјава има поволни услови за развој на органското пчеларство, но сè уште не сме на задоволителното ниво. Немаме ниту Закон за пчеларството, а особено треба да се работи на вклучување на жените, беше истакнато на промоцијата на проектот „Жените пчелари како двигатели на позитивни промени во Северна Македонија“. За таа цел педесетина жени и млади од вардарскиот и североисточниот регион, во наредните три години ќе имаат можност да се обучуваат за органското производство, но и ќе ја добијат неопходната опрема.
„Ќе добијат опрема целосна, кошници, пчелни семејства, опрема за заштита и на себе и пчелите и сето тоа ќе е непотребно доколку немаат правилно знаење“, истакна Дејан Антиќ, проект координатор на АДРА Македонија.
„Европа вложува во земјоделството, пчеларството, фокусот е да станат самоодржливи и да се заштити околината“, истакна Катја Котник, директор на АДРА Словенија.
Пчеларката Станиќ, од битолско Мусинци, веќе одгледува петнаесетина пчелни семејства. Таа се обучила за органско одгледување на пчелите, а љубовта веќе ја пренела и на најблиските.
„Обуката беше тоа што ми недостасуваше, лесно е да се купи пчелно семејство и да се започне меѓутоа поддршката што се добива во овој проект е многу важна. Јас успеав љубовта кон пчелите да ја пренесам и на моите деца“, вели Марија Станиќ, пчеларка.
Во рамки на проектот за првпат на Западен Балкан, ќе се формира и медоносен научен пчелен парк, чија намена ќе биде едукација и промоција на женското претприемништво за органското пчеларство. Проектот е финансиран од Министерството за надворешни работи на Словенија, а го спроведува АДРА Словенија и Македонија.
Елена Георгиевска
