Германска комора

Германската рецесија нема да влијае на трговската размена со Македонија

26.05.2023 14:25

Рецесијата во којашто влезе германската економија, засега нема да влијае на трговската размена со земјава и нема да ги пишмани германските компании да инвестираат во постоечки објекти и во нови гринфилд проекти, велат од делегацијата на германски комори. Директорката Ванделт уверува, Германија останува најголем трговски партнер со речиси пет милијарди евра размена со Македонија…

Сè уште не може да се предвиди во кој обем рецесијата на германската економија ќе се одрази врз македонската, којашто е екстремно зависна со оглед дека Германија е нашиот најголем трговски партнер. Од нивната Комора, тврдат дека ситуацијата не влијае на интересот на потенцијалните инвеститори и на размената, којашто лани достигна речиси пет милијарди евра.

Две нови компании, едната од областа на електрониката за напредни батерии, другата од текстилната индустрија, фамилијарен бизнис за бакарни кабли и цевки, ќе го зголемат портфолиото германски инвестиции во земјава.

„Да се инвестира во образованието, во иднина на цена ќе бидат мехатроничарите и индустриските техничари, квалификуваните работници мора да се добро платени за да не ја напуштат државата“, вели Антје Ванделт, директорка на Германската стопанска комора во земјава.

За најголеми ризици за водење бизнис германските компании ги наведуваат инфраструктурата и бирократските процедури при вадење работни дозволи за странци и за престој на нивните семејства.

Сузана Фиданска Стоевска