Сè уште се прават калкулации за покачување на ДДВ-то на струјата
Владата сè уште прави калкулации дали ДДВ-то на струјата од сегашните 10 ќе се искачи на 18 проценти или ќе остане исто...

Владата сè уште прави калкулации дали ДДВ-то на струјата од сегашните 10 ќе се искачи на 18 проценти или ќе остане исто, за да нема зголемување на крајната цена, изјави денеска премиерот Ковачевски.
ДДВ-то е изворен приход на буџетот и ние го намаливме за струјата со цел да нема ценовен шок за граѓаните. Тоа беше намалено од 18 на 5 проценти, потоа од 18 на 10 проценти и не се качи цената на електричната енергија. Истовремено со зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто што повторно е пониско од вообичаените 18 отсто, зголемувајќи го производството на електрична енергија обезбедивме да има иста цена на струјата. Сега се зема предвид и нормалната стапка на ДДВ, зголеменото производство на електрична енергија, зголеменото производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија и доколку калкулациите покажат дека финалната цена со вклучен ДДВ може да остане иста, тогаш Министерството за финансии, ЕСМ и другите ресорни економски министерства ќе можат заедно да донесат одлука во однос на тоа дали е потребно сè уште да се држи на 10 проценти ДДВ-то или може да биде на нормална ставка од 18 проценти, а да нема зголемување на цената на електрична енергија за граѓаните, потенцира Ковачевски.
Обновливите извори на енергија, од кои најголем дел се фотоволтаици произведуваат најмногу во дневните часови кога има сонце и тоа овозможува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) да направи калкулации коишто ќе обезбедат враќање на дневната евтина тарифа на струја, додаде Ковачевски. Дали тоа ќе се случи, тоа зависи од калкулациите на РКЕ.
