Субвенции за старите занаети во Куманово
Со средства од 15.000 денари втора година по ред ќе се поддржат старите занаети во Куманово. Од Занаетчиската комора на чија иницијатива се доделуваат средствата велат-поддршката е значајна за локалната економија, но и за зачувување на традицијата и културата.

Старите занаети од Куманово ќе добијат субвенции од Општина Куманово. Втора година по ред општината ќе одвои по 15.000 денари. Занаетчиите можат да аплицираат на јавниот повик кој веќе е отворен. Од Занаетчиската комора на чија иницијатива е поддршката, велат средствата се значајни за зачувување на занаетите.
„Субвенционирањето на старите занаетчии ја помага локалната економија, но од друга страна е клучно за зачувување на традицијата, културата на живеење на овие простори, промоција на нашето богато културно историско наследство на нашата татковина“, изјави претседателот на ЗКРСМ и на Регионалната занаетчиска Комора, Агрон Фазлији.
Куманово беше прва општина која со директна финансиска помош ги субвенционира старите занаети. Примерот лани го следеа и други градови, вклучително и градот Скопје. Регионалната комора заедно со Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија Куманово наредната среда го организира и првиот саем за мало стопанство во Куманово. Малите и средни претпријатија ќе имаат можност да ги изложат производите.
Елена Георгиевска
