Енергетика

Евтина дневна тарифа ќе има, струјата нема да поскапи

29.05.2023 15:52

Граѓаните нема да плаќаат повисоки сметки за струја, уверува министерот за економија Бектеши. Вели, владата со енергетскиот сектор бара заеднички модел, Регулаторна веќе направила анализа. Струја во евтина тарифа ќе има два часа во денот, се прават процени во кој период, меѓу 11 и 16 часот. Ќе се знае во наредите 14 дена-вели претседателот на Регулаторна, Бислимоски…

Власта уверува дека нема да има поскапување на струјата. Регулаторната комисија најави се враќа евтината дневна тарифа во траење од два часа меѓу 11 и 16 часот. Во следните две недели ќе се знае точниот датум од кога ќе се применува. Сите граѓани ќе немаат можност веднаш да ја добијат, Бислимоски вели од ЕВН зависи промената во системот на наплата и темпото со кое ќе изврши промена на софтверот на броилата бидејќи сите немаат далечински систем на читање.

„Евтината струја ќе биде вратена како и што ветивме кога ја укинуваме, само поради екстремно високите цени што тогаш ги имавме. Ова не е ниту популизам, ниту политика, туку пазарно решение. Логиката е да се купува евтината електрична енергија од фотоволтаиците и да се заштеди водат и јагленот, затоа што ни претстои нова грејна сезона и ние треба да си обезбедиме електрична енергија од домашно производство. Кај нас со многу забрзано темпо се градат фотоволтаични електрани, а најголемите допрва се очекуваат годинава“, рече Бислимоски.

Дали ќе има ценовна промена за потрошената електрична енергија од јули до декември, калкулации допрва ќе се прават. На адреса на Регулаторната комисија се стигнати барањата, Електродистрибуција бара 32,13 насто поскапување за пренос, ЕВН нема наведено, го чека тендерот за набавка во јуни, до 31-ви мај енигма е и трошокот за пренос и дистрибуција. Но, Бислимоски вели-струјата не треба да поскапи, а Бектеши уверува-повисоки сметки нема да има, и ДДВ да порасне на 18 насто, тврди, новиот модел на пресметка може да ги намали.

„Јас од денес можам да им кажам на граѓаните дека тие нема да плаќаат поскапа струја. Кој ќе биде моделот, тоа сите заеднички ќе го дефинираме во склоп на енергетскиот совет. Граѓаните нема да плаќаат поголема цена на струјата од постојната за наредните шест месеци, значи од 1-ви јули, па до крајот на годината“, рече министерот Бектеши.

Сè ќе знае до крајот на идниот месец. Дотогаш регулаторот мора да ја објави цената по која граѓаните ќе плаќаат за потрошената струја.

Сузана Фиданска-Стоевска