Бесими: Фискална одржливост и прудентни јавни финансии клучни за економски раст во услови на криза
На панел дискусијата министерот потенцира дека нашата земја, како и земјите од регионот во целиот овој период на криза не отстапуваат од она што е заеднички пат на сите, станување дел од ЕУ...

Фискална одржливост и прудентни јавни финансии, во услови на криза, со каква што се соочуваме во моментов, се клучен услов за економски раст и обезбедување просперитетна иднина за сегашните и идните генерации. Во таа насока клучни се спроведувањето кохерентни, интегрирани и одржливи политики. Ова го порача министерот за финансии Фатмир Бесими на Самит на гувернери и министри за финансии и директори на даночни управи во регионот во Бечиќи, Црна Гора. „Финансиска и монетарна стабилност на регионот, во време на неизвесност на пролонгирана геополичка и економска криза“.
На панел дискусијата министерот потенцира дека нашата земја, како и земјите од регионот во целиот овој период на криза не отстапуваат од она што е заеднички пат на сите, станување дел од ЕУ.
„Патот на Р.С. Македонија како и на останатите земји од регионот води кон ЕУ. Нема друга алтернатива и тоа го покажуваме и докажуваме на секој начин. Нашата цел е да создадеме просперитетна иднина за сегашните и идните генерации, а особено за младите во нашата земја. Оттука, квалитетот на живот треба континуирано да се подобрува и тоа ќе биде главниот индикатор за реалната (економска) конвергенција кон ЕУ. Од тој аспект, пристапниот процес е исклучително важен за подигнување на институционалните капацитети и транспонирање на современото европско наднационално законодавство. Само со спроведување на кохерентни, интегрирани и одржливи политики кои го поттикнуваат одржливиот развој ќе можеме да ја донесеме Европа дома. РС Македонија од минатата година ги почна преговорите и тоа дава забрзана динамика на процесите и на реформите и побрзо постигнување на резултатите“, наведе министерот за финансии Фатмир Бесими.
Министерот се обрати на панел-дискусија на тема „Здрави јавни финансии – клучен услов за економски раст и градење модерен економски пазар во услови на пролонгирана геополитичка несигурност“, на која учествуваа министри за финансии од регионот.
