Економија

Недостигаат саеми за малите бизниси

31.05.2023 14:56

Во земјава недостигаат саеми за малите бизниси, беше истакнато на првиот саем во Куманово на кој занаетчиите имаат можност да ги претстават своите производи. Саемот го организираше регионалната занаетчиска комора и фондацијата за развој на мали и средни претпријатија. Целта е да се зголеми бројот на ваквите манифестации. Беа доделени и субвенции за старите занаети...

Недостигаат манифестации на кои малите фирми ќе ги промовираат своите производи. На тој начин би биле поконкурентни на пазарот, беше истакнато на првиот саем на мали стопанство кој во Куманово го организираа Занаетчиската комора, Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија и Општина Куманово. Целта, велат, е во иднина да се одржи меѓународен саем со над 300 излагачи.

„Тоа треба да го постигнеме за да бидеме повидливи и поконкурентни на пазарот и фирмите да се сретнуваат, саемите го прават вмрежувањето и тоа ќе биде добивка за сите“, истакна Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиска комора на РСМ.

Кумановецот Мирослав Поповски кој веќе 38 години е бакрорезец, вели, во недостаток на саеми, како и сувенирница, производите ги пласира на социјалните мрежи.

„Едно што се дружиме и да се презентираме. Не научија и доаѓаат дома кај мене или на телефон ми се јавуваат. Младите сакаат побрзо да дојдат до пари, ова е работено два и пол месеци“, дополни тој.

Во Куманово сè уште нема сувенирница во која занаетчиите би ги изложиле своите производи. Од општината велат, се води постапка за ослободување на дел од просторот во Занаетчискиот дом, кој е узурпиран од локални фирми.

„Откако ќе бидат ослободени со одлука на Советот еден од тие простори ќе биде наменет за сувенирница, која ќе биде финансирана од општината“, нагласи Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.

На првиот саем на мали стопанства, по втор пат беа доделени и субвенции на десетина регистрирани стари занаети. Тие ќе добијат еднократна помош од по 15.000 денари. Целта во иднина е да се овозможи поддршка и за занаетчиските старт апови, кои се иницијатива на средношколците.

Елена Георгиевска