Повисока цена на струјата за 13%, ако РКЕ ги прифати барањата од компаниите
До 20-ти јуни ќе се знае колку граѓаните ќе плаќаат за потрошената струја од јули до декември годинава...

До Регулаторната комисија за енергетика се пристигнати сите барања за цената на струјата и доколку бидат прифатени тоа би значело нејзино зголемување за 13 проценти, изјави Марко Бислимоски. Калкулациите ќе се прават наредните денови. До 20-ти јуни ќе се знае колку граѓаните ќе плаќаат за потрошената струја од јули до декември годинава.
Бислимоски соопшти дека Електродистрибуција има побарано зголемување на цената за дистрибуција од 32 проценти, МЕМО, операторот на пазарот на електрична енергија, од 83,3 проценти, а МЕПСО како оператор на преносниот систем од 53,51 процент.
Процентот што го бара МЕМО, според него, навидум е голема бројка, но влијанието на цената е под 0,5 проценти. Вкупното влијание на цената на МЕПСО, пак, е нешто под пет проценти.
Доколку ги прифатиме сите овие барања тогаш би значело зголемување на цената на електрична енергија од 12,75 проценти, односно од 13 проценти, изјави Бислимоски.
