Битиќи- Андерсен: Партнерски чекориме кон климатски отпорна економија
По посетата на Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки Мун во Северна Македонија во 2012 година, Ингер Андерсен е една од највисоките претставници од Обединетите нации што ја посетуваат земјата.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и министерката за животна средна и просторно планирање, Каја Шукова, остварија средба со потсекретарот на Обединетите нации и извршен директор на Програмата за животна средина на ОН, Ингер Андерсен и тимот УНЕП што се во посета на земјите од Балканот меѓу кои и Република Северна Македонија. Теми на разговор беа Тројната планетарна криза и нејзиното афектирање на нашата држава, досегашната и идна соработка и одржливиот развој.
По посетата на Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки Мун во Северна Македонија во 2012 година, Ингер Андерсен е една од највисоките претставници од Обединетите нации што ја посетуваат земјата.
Во врска со Тројната планетарна криза, климатските промени, загубата на биолошката разновидност и загадувањето како закана за планетата и луѓето, вицепремиерот Битиќи истакна дека и покрај тоа што покрива само пет отсто од Балканскиот полуостров, Северна Македонија е европско богатство на биолошка разновидност.
„Оттука присуството и ангажманот на УНЕП во Северна Македонија е од големо значење. Еден од најголемите успеси на оваа Влада и УНЕП е прогласувањето на Шар Планина за национален парк, шест децении откога земјата го прогласи последниот национален парк“, рече Битиќи.
Посетата на Андерсен и тимот на УНЕП во Северна Македонија доаѓа во критичен момент не само во Северна Македонија, туку и на глобално ниво, бидејќи оваа година се спроведува среднорочно ревидирање на спроведувањето на агендата 2030 за имплементацијата на Агендата 2030 и целите за одржлив развој што ги покрива прашањата на Тројната планетарна криза.
Вицепремиерот Битиќи во својство на лидер на процесот за имплементација на одржливиот развој, информираше дека Северна Македонија е во фаза на подготовка за Самитот на целите за одржлив развој, кој овој септември ќе се одржи во Њујорк во рамките на Генералното Собрание на Обединетите нации.
На средбата, вицепремиерот Битиќи рече дека во УНЕП гледа еден партнер за нова соработка во однос на транзицијата кон ниски емисии и климатски отпорна економија, вклучително и адаптација во просторното планирање и климатски отпорна инфраструктура.
Ингер Андерсен од нејзина страна изрази благодарност за посветеноста на Владата на Северна Македонија за проактивното вклучување во справувањето со еколошките предизвици, особено во контекст на Тројната планетарна криза.
