Од денеска основните производи со одмрзнати цени
Денеска основните прехранбени производи со одмрзнати цени. Надлежните уверуваат – поскапување на овие производи нема да има. доколку тоа се случи, итно ќе бидат преземени соодветни мерки...

Од денеска престанува да важи владината одлука со која беа замрзнати цените на некои земјоделски производи, белиот и полубелиот леб, брашното, маслото за јадење, јајцата, оризот, тестенините, млекото и млечните производи.
Се „одмрзнуваат“ и цените на пелените, тоалетната хартија, влажните марамчиња и хигиенските влошки. Надлежните уверуваат дека поскапувања на овие производи нема да има, а доколку тоа се случи, веднаш ќе бидат преземени соодветни мерки. Велат – ситуацијата се следи на дневна основа и оценката е дека засега нема простор за големи ценовни осцилации.
Првата одлука за замрзнување на цените беше донесена на 28 февруари кога се замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, а потоа на 16 март Владата донесе одлука да се замрзнат и цените на дел од тестенините и млечните производи.
На 21 март стапи во сила и одлуката за замрзнување на цените на оризот и јајцата, додека на 5 април беа замрзнати цените и на 11-те видови овошје и зеленчук.
