Енергетика

Бектеши: Компаниите не ја диктираат цената на струјата

01.06.2023 14:41

Владата уверува – нема да има поскапување на струјата и покрај доставените барања на енергетските компании за повисоки цени. Бектеши вели, калкулациите се прават, последниот збор сепак го има Регулаторната комисија...

Струјата нема да поскапи 13 насто, енергетските компании не ја диктираат цената, последниот збор го има Регулаторната комисија, уверува Бектеши со став, клучно е колку ќе изнесува цената за мегават час по која ЕСМ ќе ја продава на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.

„Претходната година енергетските компании бараа зголемување, ако се сеќавате – 78 отсто, па некои компании надминаа и над 100 отсто. Не е важно колку бараат тие, важно е колку ќе се одобри од Регулаторната комисија за енергетика и која ќе биде цената што ќе ја утврди Владата на ЕСМ, која ќе ја даде кон универзалниот снабдувач, во овој случај ЕВН, цена што важи за домаќинства и мали потрошувачи. Тоа значи дека 13 отсто зголемување, кое е барање од страна на енергетските компании, најверојатно нема да се прифати. Јас можам да кажам дека нема да се прифати цената што би можело да ја бара ЕСМ, а работа на Регулаторната комисија за енергетика е да направи калкулации за барањето од страна на МЕПСО и другите компании“, рече Бектеши.

Експертите со став – креаторите на политиките јасно треба да кажат како ќе постапат ако се враќа ДДВ-то, и од каде ќе се обезбедат пари да се анулира потребниот вишок на зголемување доколку остане цената иста.

Професорот Треневски прашува дали тоа ќе значи намалување на други трошоци и како ќе се оправда во иднина .

Извесно е дека ДДВ-то за струја на сметките од 1 јули се враќа на 18 проценти, а Регулаторната комисија за енергетика веќе најави, дека ќе има и евтина дневна тарифа два часа во периодот од 11 до 16 часот.

 

Александра Велинова