Нова, трета инвестиција на германската „Костал“ во земјава
Германската компанија „Костал“, со седиште во Охрид најавува нова голема инвестиција. Третиот инвестициски проект за производство на полначи за електрични и хибридни возила, вреден 50 милиони евра стартува од јули годинава. Тоа ќе значи 300 нови вработувања и петкратно поглем годишен обрт на компанијата во земјава...

Нова, трета по ред инвестиција на германската компанија за изработка на делови и компоненти за автомобилската индустрија „Костал“, која веќе седум години работи во земјава. Станува збор за инвестициски проект на „КОСТАЛ Македонија“ во Охрид за производство на полначи за електрични и хибридни возила, кој што ќе се реализира во периодот од јули годинава до декември 2026 година во вкупна вредност од околу 50 милиони евра.
Компанијата во Охрид, која денес брои околу 1.000 вработени, дополнително ќе ангажира уште 300 работници.
„Тоа се 50 милиони евра само во технологија и опрема овде не значи доградба на објекти или било каква инфраструктура туку чисто како технолгија и нови производствени линии и креирање на дополнителни 300 нови вработувања во тој временски период. Ќе дојдат најновите системи за хибридни електрични возила на Фолсваген групацијата“, истакна Виктор Мизо извршен директор на „Костал“.
Со новите инвестиции „Костал“ групацијата во земјава очекува петкратно поголем пораст на годишниот обрт.
„Од минатогодишните околу 100 милиони годишен обрт ние планираме до крајот на оваа декада да стигнеме до над 500 милиони евра обрт што значи дека би се зголемиле и би пораснале повеќе од 5 пати. Тоа значи дека со овие дополнителни технологии најголем дел од овие вработувања нема да бидат само луѓе кои ќе работат на производна линија туку ќе значи вработување на инженери, техничари“, додава Мизо.
Заедно со претходните две фази, вкупните реализирани инвестиции на германската компанија „Костал“ во Македонија ќе достигнат околу 150 милиони евра.
Соња Рилковска
