Финансии

Усвоена новата Фискална стратегија 2024- 2028

14.06.2023 12:30

На среден рок останува определбата за фискална консолидација, инвестиции и поддршка на економската активност...

Продолжување на фискалната консолидација, постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, како и поттикнување на економската активност преку капитални расходи и инфраструктури инвестиции и подобрување на условите за водење бизнис и отворање нови работни места се очекуваните резултати од среднорочните проекции содржани во Фискалната стратегија на РС Македонија за период 2024-2028 година, што ја подготви Министерството за финансии, а ја усвои Владата на последната седница.

Фискалната стратегија ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории на проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот. Таа е изработена согласно новиот Закон за буџети, а со кој се утврдени фискални првила, дизајнирани и усогласени со фискалните правила на ЕУ, а со цел фискалната политика да биде одржлива на среден рок.

„Фискалната стратегија е значаен документ кој ги поставува среднорочните насоки по кои ќе се води фискалната политика во наредниот период.  Клучни елементи на среднорочната фискална политика претставуваат редизајнирање на буџетската политика и фискална консолидација, коишто се во насока на поддршка на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст, а со тоа и зајакнување на потенцијалот за раст на домашната економија“, истакнува министерот за финансии Фатмир Бесими.

Во наредниот среднорочен, петгодишен период се продолжува со определбата расходите да бидат во функција на остварување на стратешките приоритети, забрзување на економскиот раст, приоритетот за интегративните процеси на Република Северна Македонија во ЕУ и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО.

Согласно Фискалната стратегија со исцрпување на негативните ефекти од последователните шокови се очекува нормализација на глобалните движења, намалување на инфлациските притисоци и јакнење на економската активност кај нашите главни трговски партнери што ќе придонесе кон зголемување на надворешната побарувачка и поповолен амбиент за инвестирање.