Битиќи: Договорот од Преспа создаде позитивна траекторија за економски развој
Битиќи нагласи дека е прагматичен оптимист и дека патот напред ќе биде просперитетен.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, имаше воведно обраќање на панел дискусијата „Трасирање на патот кон просперитет: EcoFin стратегии за раст на Западен Балкан“, во рамките на Преспа форумот за дијалог 2023 кој оваа година се одржува во Струга.
„Договорот од Преспа отвори ново поглавје во регионот, отворајќи го патот кон просперитет и стабилност. Покрај унапредувањето на дипломатските односи и соработката меѓу Грција и Северна Македонија, го поттикна и економскиот раст и промовираше прекугранични иницијативи меѓу двете земји. Понатаму, договорот од Преспа имаше домино ефект и во поширокиот балкански регион. Договорот од Преспа го отвори патот кон просперитетот со отстранување на бариерите, поттикнување на соработката и инспирација на другите народи. Создаде позитивна траекторија за економски развој, политичка стабилност и регионална интеграција, носејќи трајни придобивки за Грција, Северна Македонија но и за целиот регион на Западен Балкан“, нагласи вицепремиерот Битиќи.
Битиќи нагласи дека е прагматичен оптимист и дека патот напред ќе биде просперитетен. Додаде дека силно верува дека само преку регионалната конкурентност создаваме отпорен и просперитетен регион кој ќе биде прилагодлив на предизвиците за влез на големиот пазар на ЕУ, до негова целосна интеграција.
