Енергетика

Во Кичево ќе се гради ветерен парк

17.06.2023 12:06

Во Кичево ќе се гради ветерен парк за производство на електрична енергија. Ветерната станица ќе се наоѓа на 12 километри од градот Кичево, во близина на Душегубица и Добреноец, на 1.800 метри надморска височина на планината Бистра. Проектот беше инициран уште во 2011-та година, но беше одложен поради можното негативно влијание врз изворот „Студенчица“, од каде целиот регион се снабдува со вода. Експертите уверуваат дека нема да има штети на хидросистемот…

Во Кичево ќе се гради ветерен парк за производство на електрична енергија, со моќност од 35 мегавати. Целта е да се искористи потенцијалот на обновливите извори на енергија, односно енергијата од ветерот и со тоа да се придонесе кон вкупното производство на електрична енергија во земјава.

Ветерната станица ќе се наоѓа на 12 километри од градот Кичево, во близина на Душегубица и Добреноец, на 1.800 метри надморска височина на планината Бистра.

„Ќе биде лоцирана на падините на Бистра, општина Кичево. Опфатот е некаде околу 90-тина хектари каде што ќе се имплементираат шест ветерни столба со капацитет од околу 34 мегаволти“, вели експертот за животна средина Менка Спировска.

Овој проект беше инициран уште во 2011 година, но беше одложен поради можното негативно влијание врз изворот „Студенчица“. Експертите за животна средина уверуваат дека нема да има оштетувања на изворот кој го снабдува со вода целиот регион.

„Имаме карстен терен каде што треба да примениме најстроги мерки за заштита од таму се надеваме сите заедно ќе застанеме зад тоа, прво инвеститорот и сите други надлежни институции дека треба да бидат ригорозно применети сите мерки на претпазливост за да не се случи влијание врз хидросистемот“, вели Спироска – експерт за животна средина.

Проектот ќе се гради на државен имот и по подготовката на документацијата ќе бидат потребни околу две години за негова изведба. Ветерот, како обновлив извор на енергија, е со најголема стапка на раст во последните две децении и се смета за многу важен извор на електрична енергија за иднината.

Соња Рилковска