Конгресниот туризам во подем
Конгресниот туризам е во подем. Почнувајќи од април, во двата градови на брегот на Охридското Езеро се одржаа десетици конференции, семинари и конгреси, кои ќе ги надополнат големите загуби од претходните години. Ако во минатото конгресниот туризам беше актуелен само во есенските и зимските месеци, годинава е најзастапен во пролетните месеци и на стартот на летото...

Конгресниот туризам на брегот на Охридското Езеро во подем. После двегодишна пауза поради пандемијата, кога овој вид туризам со рестрикциите замре, и беше заменет со хибридни онлајн настани, годинава бележи огромен пораст.
Почнувајќи од април во двата градови на брегот на езерото се одржаа десетици конференции, семинари и конгреси, кои ќе ги надополнат големите загуби од претходните години.
„Сега се зголемува бројот на посетеноста на кој било конгрес, семинар одзивот е многу поголем што значи дека резултатите од крајниот исход на завршниот настан е позитивен и носи позитивна атмосфера за сите“, изјави претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески.
Хотелите се повеќе вложуваат во градење и осовременување на конгресните сали. Ако во минатото конгресниот туризам беше актуелен само во есенските и зимските месеци, годинава е најзастапен во пролетните месеци и на стартот на летото.
„Сега се поместија тие граници и се бара за овој вид на туризам малку подобро време, за самите учесници да можат да уживаат во околината. Може да се каже дека до некаде 5 до 10 јули имаме закажано вакви настани“, додава Блажески.
И покрај дождливото време во мај и јуни, според пресметките на ХОТАМ на брегот на Охридското Езеро се бележи пораст на бројот на ноќевања. Туристичките работници очекуваат годинава да се надмине бројот на туристи од рекордната 2019-та година.
Соња Рилковска
