Македонија

Пари за свињарските и живинарските фарми

23.06.2023 08:33

Свињарските фарми кои годинава ќе одгледуваат најмалку 5 приплодни грла ќе добиваат по 1.000 денари за секое животно. За продадена гоеница во регистриран кланичен капацитет следуваат исто така по дополнителни 1.000 денари кои ќе се намалуваат доколку се работи за поголем број животни. За живинарските фарми остануваат истите финансиски мерки. Пријавувањето трае до 30-ти јуни …

По 1.000 денари за грло ќе добијат сточарите кои одгледуваат женски приплодни маторици и кои поседуваат минимум пет свињи. Услов е тие да бидат чувани најмалку до 30 ноември 2023 година.

Право на финансиска поддршка имаат и земјоделските стопанства кои одгледале, продале или заклале најмалку пет гоеници во период од мај 2022 до јануари 2023 година во регистриран кланичен капацитет.

Висината на директните плаќања за гоеници со тежина над 90 килограми изнесува 1.000 денари.

Бројот на животни се пресметува скалесто, а субвенцијата за 5 до 5.000 свињи е 100 проценти, до 15.000 е 80 и над 15.000 е 40 проценти.

Во живинарството за одгледани, продадени или заклани бројлери во преработувачки капацитети од октомври 2022 до септември 2023 година се добива по 40 денари за пиле.

За амортизирани несилки заклани во кланични капацитети во периодот од 1 октомври 2022-до 30 септември 2023 година можат да се добијат по 120 денари за несилка. За земјоделските стопанства кои произвеле и продале еднодневни бројлери од октомври лани до септември оваа година, субвенцијата е 10 денари по пиле.

 

Методија Трајков